Бугарија нема да отстапи од заштитата на својата заедница во Република Северна Македонија, истакна денеска бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, кој заедно со својот македонски колега, Бујар Османи го посети во болница секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Османи пак порача дека мора да се прекине циклусот на провокации и насилство, од двете страни.
Охриѓанецот Пендиков беше нападнат од тројца свои сограѓани на 19 јануари, а Бугарија прати владин авион за да го однесе на лекување во Софија. Бугарските политичари сметаат дека причина за нападот е тоа што Пендиков се деклариран како Бигарин. Во Македонија пак против Пендиков уште во декември полицијата поднела кривична пријава за производство и промет со дрога, па како што дел од македонски медиуми, можно е да се работи за криминално-дилерска пресметка бидејќи и напаѓачите и биле познати на полицијата.
Милков по посетата на Пендиков рече дека сторителите мора да бидат казнети.
„Дојдовме да видиме повредено момче, човек со кауза која ја брани. Како министер, тука сум да ја пренесам пораката дека ситуацијата не може да продолжи на овој начин. Бугарија цврсто инсистира сторителите да бидат казнети. Јас сум тука да се каже НЕ на заживувањето на овие црни традиции, за такви места нема место во Европа“, рече Милков.
Османи пак од Софија уште еднаш истакна дека бугарската заедница во змејава ќе ги има сите права, слободи и привилегии како и секоја друга заедница, и го осуди нападот кон Пендиков.
„Северна Македонија ќе се погрижи да има нулта толеранција за такви напади. Државата ќе се погрижи да создаде таква атмосфера на нулта толеранција за насилството, особено кога тоа е меѓуетничко“, изјави Османи.
Инаку, засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство за процедурата по која македонскиот државјанин Пендиков ја напуштил државата.
„Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице“, велат од Обвинителство.
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ вчера за ТВ Телма рече дека е преседан начинот на којшто 22-годишиот Пендиков е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите.
„Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.
Полицијата во петокот приведе тројца охриѓани осомничени дека нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.
Инцидентот го осудија и двете држави, како и Делегацијата на ЕК во Скопје од каде побараа властите да го истражат случајот.
Македонија и Бугарија имаат нарушени односи по двегодишното бугарско вето за Македонија да почне преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во Македонија.
Проблемот се надмина со тоа што ветото беше тргнато лани во јуни, со услов Македонија во уставот да ги внесе Бугарите, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот кое уште не е обезбедено. Ако тоа не се направи, постои стравување од повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.