Русија го напаѓа Бахмут од воздух, додека подготвува воени реформи

Oштетена станбена зграда среде рускиот напад врз Украина, во Бахмут, регионот Доњецк, 5 јануари 2023 година

Украинската војска соопшти дека руските сили се повеќе користат воздушни напади додека продолжуваат со напредувањето кон стратешкиот град Бахмут во источниот украински регион Донбас.

Во целата земја, на 21 јануари биле пријавени 27 воздушни напади, еден ракетен напад и 55 извештаи за гранатирање, според Генералштабот на вооружените сили на Украина. Употребата на беспилотни летала камикази и ракети на воздух остануваат закана во сите области на Украина, соопшти денеска украинската војска.

Во близина на Бахмут, кој со недели е во фокусот на тешките борби, руските сили „го зголемуваат интензитетот на употребата на авијацијата“, но се „бранат“ во други области на Украина, соопшти украинската војска на 22 јануари.

Видете и ова: Украина се бори на Истокот додека чека одлука од Западот за испорака на повеќе тенкови

Повеќе од 11 месеци по руската неиспровоцирана инвазија на Украина, борбите се концентрирани во Бахмут, во североисточна Украина во близина на градот Крмина и во јужниот регион Запорожје, каде што двете страни имаат големи борбени сили.

Киев ги повика своите западни партнери да обезбедат повеќе оружје, вклучително и тешки тенкови, бидејќи Русија се чини дека се подготвува за операции од големи размери надвор од украинскиот регион Донбас.

Врз основа на неодамна најавените воени реформи, Москва се подготвува и за проширена конвенционална воена закана надвор од украинскиот воен фронт, смета британското разузнавање.

Видете и ова: Рокадата на врвот на руските сили во Украина – борба за моќ или игра за јавноста

Британското одбранбено разузнавање ја даде оваа оценка во јануари коментирајќи ја најавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу оваа недела дека реформите ќе додадат 1,5 милиони персонал во војската во рок од три години и ќе обноват два воени окрузи во Русија.

Плановите „сигнализираат дека руското раководство најверојатно проценува дека засилената конвенционална воена закана ќе трае многу години по актуелната војна во Украина“, соопштија британските разузнавачи.

Сепак, се додава, „Русија многу веројатно ќе се мачи со персонал и опремување на планираното проширување“.