Под мотото „Сите за МКЦ“, на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, денеска ќе се одржи собир за одбрана на оваа културна институција од обидите за политизација и поради кратење на парите. Организиран е од колективот „Гола планина“, а ќе трае од 12 до 16 часот.
Како што се наведува во најавата Фејсбук, целта е на настанот е да се соберат сите ентузијасти и љубители на независната култура, за заедно да го искажат своето незадоволство.
„Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките. МКЦ е она што нè држи живи. МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста“, се наведува во објавата.
Финансиски инспекции, ревизии и намален буџет се дел од притисоците на кои се жалат вработените во МКЦ. Разрешениот вд директор на МКЦ Ванчо Богоев, јавно посочи дека од Град Скопје му било вршено притисок да потпише вработување на Бени Шаќири, па откако одбил да го стори тоа на неговото место бил поставен дипломиран детектив со неколку дена работно искуство во МКЦ.
Новиот директор е назначен од градоначалничката Данела Арсовска, под чии ингеренции е културната установа.
Обидот за поставувањето на Бени Шаќири за директор на МКЦ беше актуелен и во 2019 година, кога градоначалник беше Петре Шилегов. И тогаш неколку стотини културни работници пишуваа петиција, се организираа собири и се спречи менување на тогашниот в. д. директор Русе Арсов.
МКЦ лани прослави половина век од своето постоење и важи за столб на независната култура во главниот град.