Затворен археолошкиот локалитет Мачу Пикчу поради немирите во Перу

Судир на демонстрантите со безбедносните сили во Перу на протестот за предвремени избори и ослободување на затворениот поранешен претседател Педро Кастиљо, 9 јануари 2023 година

Перуанските власти на 21 јануари објавија дека го затвориле познатиот археолошки локалитет Мачу Пикчу, поради немирите во земјата кои започнаа во декември.

Министерството за култура на Перу соопшти дека поради ситуацијата во државата е наредено затворање на копнениот пат, патеката на Инките и пристапот до тврдината. Пристапот на железницата е затворен веќе неколку дена бидејќи демонстрантите ја оштетиле пругата.

Видете и ова: Племето Кунинико ги ослободи туристите киднапирани во Перу

Најмалку 400 туристи, од кои 300 се странци, се заглавени во подножјето на локалитетот, пренесува АФП.

На 7 декември во Перу започнаа протести за оставка на претседателката Дина Болуарте. Во немирите загинаа 46 лица.

Европската унија го осуди насилството и „несразмерната“ употреба на сила од страна на полицијата против демонстрантите, барајќи од властите брзо да најдат мирно решение за кризата.

Мачу Пикчу, што значи „Стара планина“, е изграден за време на владеењето на императорот Пачакути (1438-1471) и се наоѓа на околу 100 километри од Куско, античкиот главен град на Империјата на Инките на југоисточниот дел на денешен Перу.