Алијанса на Албанците во наредниот период ќе разговара за евентуално вклучување на партијата во Владата. Централното собрание го овласти претседателството на Алијансата за Албанците да формира комисија која во следните денови ќе разговара на оваа тема, соопшти претседателот Арбен Таравари по завршување денешното централно собрание на партијата.
Тој посочи дека имале плодна дискусија, дел од членовите биле за, дел против, па раководството на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.
„Централното собрание го овласти централното раководство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму да има официјална екипа којашто ќе разговара следните шест-седум дена до максимум две недели за евентуално вклучување на Алијанса за Албанците во Владата или ако тоа продолжи повеќе евентуално да прекине и да донесе конечна одлука“, изјави Таравари.
Комисијата која ќе има три до пет члена ќе ја избира Централното претседателство во текот на следната недела. На денешното собрание Таравари рече дека не се зборувало за кадровски решенија, туку на што треба да внимава и да инсистира Алијанса ако реши да влезе во Влада.
„Имаше дискусија , беше плодна дискусија. Меѓутоа за кадровски решенија воопшто не зборувавме. Повеќе за програмскиот дел на што треба да внимава и да инсистира Алијанса доколку биде дел од Владата, кажа Таравари кој дополни дека фокусот на партијата ќе остане антикорупцијата и правната држава.
Денеска за претседател на централното собрание беше избран поранешниот претседател на партијата Зијадин Села, за генерален секретар Кренар Лога, а како организациски секретар, Исен Шабани. Едно место оставено е за Тетово кое допрва ќе го избира претставникот од огранокот. Тројцата потпретседатели се Елми Азири, Илире Даути и Бујаре Абази.
Таравари пак за претседател на партијата беше избран лани во декември, на вонреден конгрес во тетово. Денешното централно собрание пак за бирање на раководството на партијата се одржа во Куманово.
Пред почетокот на собранието партискиот лидер изјави дека не добиле конкретен предлог од премиерот Димитар Ковачевски, за влез во Владата, како и дека не им биле понудени министерските места во правда и здравство, за што се пишуваше деновиве по медиумите.
Инаку, веќе неколку месеци траат најавите за можен влез на Алијанса за Албанците во Владата, иако првично, и од државниот врв и од партијата, негираа дека има вакви разговори. Таравари уште во октомври изјави дека не ја исклучува можноста Алијанса за Албанците да разговара за влаз во Влада, но рече дека одлуката за тоа би ја донеле партиските тела на АА.