ВМРО-ДПМНЕ обвинува, МВР демантира дека имало неправилности во тендерот за набавка на храна

Илустративна фотографија

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека Министерството за внатрешни работи доделило милионски бизнис на приватна фирма, за набавка на храна иако има свои кујни. Од МВР велат дека кујните на МВР не биле одржувани, а со договорот ќе добиеле подобра услуга.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека полициските службеници во објектот во Ѓорче Петров и Центарот за обука во Идризово ќе јадат храна набавена од страна на приватна компанија, основана со финансиска поддршка од сегашната влада. Сметаат дека се работи за „бомбона бизнис“ бидејќи договорот за храна во Центарот во Идризово склучен со фирмата Индустри сервис, овозможува МВР да потроши над 7 милиони евра за исхрана, за обезбедување на околу 1.000 оброци на ден.

Видете и ова: Владата се фали со капитални инвестиции, опозицијата критикува проекти нема

За компанијата Индустри сервис пак велат дека имала бизнис релации со власта, и веќе добила грант од 10 милиони денари од Владата на СДСМ за изградба на своја фабрика.

„Додека во објектите на МВР има кујни со новонабавена најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна токму во периодот кога Оливер Спасовски бил министер, а која ги исполнува сите ХАСАП стандарди, сега истиот тој Спасовски фрла милиони евра на тендери за исхрана“, изјави на прес конференција за случајот, Наќе Чулев од ВМРО ДПМНЕ.

Тој праша и зошто МВР набавило скапа нова опрема за приготвување на храна, ако планирало услугите да ги даде на приватна фирма, но и што ќе се случува со вработените ангажирани во овие кујни.

МВР пак демантира дека имало неправилности. Велат дека пред доаѓањето на министерот Спасовски во МВР, за петте кујни кои ги поседува МВР, не била водена потребната грижа како за стандарди, опрема и обезбедување соодветен кадар. Нивните анализи покажале дека ангажирањето економски оператор за обезбедување на храната е поповолно решение, со тоа што тој ќе ги дава услугите во просториите на МВР, ќе ја користи постоечката опрема, ама ќе набави и своја опрема.

„По завршената набавка избран е економски оператор, преку транспарентна јавна набавка во која беа поднесени пет понуди, кој оператор ќе ги дава услугите на двете локации во следните три години, за што се склучија рамковни спогодби, кои претставуваат рамка од која можат да се трошат финансиски средства согласно потребите на МВР, а не задолжение дека сите средства мора да се потрошат“, велат од МВР.

Сметаат дека вака штедат, бидејќи услугите ќе се активираат само кога има кандидати на обука во центарот Идризово, а нема да има потреба од постојано вработени во кујната преку цела година. Велат дека нема да има отпуштања, а вработените во кујните ќе бидат распоредени на соодветни работни места.