Можноста за нов бран на Ковид 19 во Кина во следните два или три месеци е мала бидејќи 80 отсто од луѓето се заразени, изјави владин научник.
Масовното движење на луѓе за време на празниците може да ја прошири пандемијата и да го зголеми бројот на заразени во некои области. Но, втор бран на Ковид 19 е малку веројатен во блиска иднина, објави на мрежата Веибо, Ву Зунју главен епидемиолог во кинескиот центар за контрола и превенција на болести.
Стотици милиони Кинези патуваат низ целата земја на празнични собири, што ги зголемува стравувањата од нови епидемии во руралните области кои се помалку опремени да управуваат со големи епидемии на вирусот. Ваквите собири не беа можни до неодамна бидејќи земјата имаше строги правила за да се потисне ширењето на вирусот.
На почетокот на декември Кина нагло ги тргна сите епидемиолошки мерки кои беа на сила три години, како постојаните тестирања, ограничувањата за патување и масовното затворање на јавниот и деловниот живот. Ова следеше по големите протести поради строгите мерки кои избувнаа на крајот на ноември.
Оттогаш, корона вирусот брзо се шири кај населението од 1,4 милијарди луѓе.
Официјален претставник на Националната здравствена комисија претходно изјави дека Кина го поминала врвот на бројот на заболени од Ковид-19.
Откако беа откриени првите случаи на корона вирус во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, вирусот се прошири низ целиот свет.
Од почетокот на пандемијата беа заразени над 668 милиони луѓе, при што починаа 6,7 милиони.