Тенкови, казни, рокери...
БЕЛОРУСИЈА - Белоруските власти ја прогласија за екстремистичка популарната рок група Тор Бенд и ја забранија нивната музика, откако претходно ги привеле членовите на бендот. Тоа е првата музичка група која е прогласена за екстремистичка и забранета во земјата. Нејзините членови и нивните сопруги беа уапсени кон крајот на октомври и остануваат во притвор под неодредени обвиненија.Belarus - Belarusian music band TOR BAND from Rahachou, Homel region. Undated
САД - Американското Министерство за финансии одлучи да воведе дополнителни санкции за руската приватна воена компанија „Вагнер груп“, која им помага на руските сили во инвазијата на Украина. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, најави дека Министерството ќе ја назначи групата Вагнер како значајна транснационална криминална организација во наредните денови, пренесува агенцијата АП.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави најавата за нови испораки на оружје за Украина и рече дека дискусијата за испраќање германски тенкови ќе продолжи. Столтенберг на маргините на конференцијата за Украина во американската воена база кај германскиот град Рамштајн изјави дека очекува понатамошен развој на дискусијата за можното испраќање германски тенкови Леопард 2 во Украина.
ХРВАТСКА - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро го критикуваше односот на Европската унија кон Унгарија и санкциите воведени кон Русија од Унијата, покажувајќи разбирање за политиката на Будимпешта, која е во конфликт со ЕУ за владеењето на правото и, според критичарите, е недоволно остра кон Рускиот претседател Владимир Путин.
МАКЕДОНИЈА - Нацрт законот за плати во јавниот сектор е дискриминирачки и противуставен, смета Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), од каде побараа повлекување на нацрт верзијата и средба со Министерот за информатичко општество и администрација. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков денеска на прес-конференција ги изнесе заклучоците на СОНК дека нацрт законот ги загрозува работничките права.
СРБИЈА - Србија е подготвена да го прифати концептот и да работи на спроведувањето на европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово , изјавил српскиот претседател, Александар Вучиќ по средбата со европско-американскиот тим дипломати во Белград, пренесува балканскиот сервис на РСЕ.
ШВЕДСКА - Екстремно десничарски активист од Данска добил дозвола од полицијата да организира протест пред турската амбасада во главниот град на Шведска, Стокхолм, на 21 јануари. Тоа би можело да ги искомплицира напорите на Шведска да ја убеди Турција да го одобри членството во НАТО. Во исто време, и протурските и прокурдските групи планираат да одржат демонстрации во главниот град на Шведска, пренесува агенцијата АФП.
СРБИЈА - Тело на маж е извлечено од надојдена река во југозападна Србија, а спасувачите трагаат по уште еден маж. Во Босна и Херцеговина пак пак, итните служби спасија бремена жена. Обилни дождови и силни ветрови ги погодија Босна, Србија, Косово и Црна Гора на почетокот на неделата предизвикувајќи големи поплави. Метеролозите предупредуваат дека ќе траат до следната недела во поголемиот дел од регионот, пренесува балканскиот сервис на РСЕ.
МАКЕДОНИЈА - Бугарија со владин авион ќе го транспортира нападнатиот секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и ќе го лекува во болница во Софија. „Секретарот на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој беше жртва на тепање во Охрид, со воено-транспортен авион „Спартан“ денеска ќе биде пренесен на лекување во Софија“, соопшти Амбасадата на Бугарија во Македонија. Реакциите од Бугарија се дека Пендиков е тепан „затоа што е Бугарин“. Македонскиот владин врв го осуди инцидентот.
УКРАИНА - Обединетите нации (ОН) соопштија дека нивниот прв хуманитарен конвој стигнал до областа околу Соледар, каде што се водеа едни од најжестоките битки во источна Украина во последниве недели.
„Нашите колеги во Украина штотуку стигнаа до област контролирана од владата во близина на Соледар во источниот регион Доњецк“, изјави Јенс Лаерке, портпарол на хуманитарната агенција на ОН.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука и Педагошката служба иницираат процес за изработка на нов Закон за учебници за основното и средното образование. Целта како што соопштија е подигнување на квалитетот на содржината на учебниците како и подобрување на процесот на откуп и одобрување на учебници во основното и средното образование.
ХРВАТСКА - Вонсудскиот совет на Жупанискиот суд во Загреб одлучи поранешниот премиер и претседател на ХДЗ Иво Санадер да мора да мине во затвор вкупно 18 години и осум месеци, објави Хина. Новинската агенција, како што пренесува МИА, од судот дознава дека одлуката за вкупната казна била донесена на крајот на декември, а деновиве била испратена до Санадер и неговите адвокати.