Нацрт законот за плати во јавниот сектор е дискриминирачки и противуставен, смета Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), од каде побараа повлекување на нацрт верзијата и средба со Министерот за информатичко општество и администрација.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков денеска на прес-конференција ги изнесе заклучоците на СОНК дека нацрт законот ги загрозува работничките права.
„Утврдувањето на исплатата на дополнителната компонента на плата и надоместоци на плата ќе биде обезбедена и ќе се исплаќа доколку буџетот обезбеди средства, дали тоа значи дека ако ние работиме затоа што е предвидено со закон, во еден момент некој оцени дека во буџетот нема средства, претпоставувам тоа е министерот за финансии и министерот на ресорот, тогаш тоа ние што сме го работеле нема да се исплати?!. Дефинитивно, спротивно на уставните одредби“, оцени претседателот на СОНК.
Според него, фактот дека методологијата за анализи на работните места се уредува со уредба на Влада повторно ги загрозува социјалниот дијалог и партнерството. Доколку не остварат средба со МИОА , како што рече, СОНК ќе преземе активности со цел да го изрази незадоволството.
Синдикатите контра новиот закон за плати во јавниот сектор
Со ова законско решение засегнати се од 130.000 до 150.000 вработени во јавниот сектор. Тоа доаѓа откако изминатата година синдикатите повеќепати излегуваа на протест, барајќи усогласување на платите во јавниот сектор со минималната, која во февруари се покачи на 18.000 денари. Од Владата тогаш најавија креирање ново законско решение за платите во јавниот сектор, низ социјален дијалог.