Бугарија со владин авион ќе го транспортира нападнатиот секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и ќе го лекува во болница во Софија.
„Секретарот на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој беше жртва на тепање, со воено-транспортен авион „Спартан“ денеска ќе биде пренесен на лекување во Софија“, соопшти Амбасадата на Бугарија во Македонија.
Претепан охриѓанец, бугарски медиуми велат дека е тоа секретарот на клубот „Цар Борис“
За синоќешниот инцидент официјална Софија упати протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Бугарската страна за инцидентот ги информирала своите меѓународни партнери, институциите на ЕУ и теренската мисија на ОБСЕ во Скопје.
„Информациите до нив ја нагласуваат сериозноста на состојбата со правата на Бугарите во Северна Македонија и го изразуваат очекувањето на Бугарија дека овие прашања нема да бидат потценети, туку да се решат на соодветен начин“, се вели во објавата на Амбасадата на Бугарија во земјава.
Од Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава порачаа дека ги осудуваат сите акти на насилство, како тој во Охрид и очекуваат властите да го истражат случајот.
„Ги осудуваме сите акти на насилство како што е овој. Очекуваме властите брзо да го истражат случајот и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата, се вели во одговорот од Делегацијата на ЕУ“, велат од Делегацијата на ЕУ за МИА.
Полицијата денеска приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.
Инцидентот претходно го осудија и претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот Османи, како и бугарскиот премиер Галеб Донев, бугарскиот претседател Румен Радев и бугарското МНР.