Средба Таравари-Агелер: Интеграцијата во ЕУ е единствениот пат за развој, просперитет и стабилност

Арбен Таравари

Предложените мерки од страна на Алијансата на Албанците за владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, беа тема на разговор на денешната средба лидерот на партијата Арбен Таравари со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.

Таравари, како што информираат од партијата, на разговорите, на кои бил придружуван од пратеникот Халил Снопче, на амбасадорката и посакал успешно враќање во Скопје, со надеж дека оваа средба ќе биде почетна точка на блиска соработка со цел продлабочување и проширување на односите меѓу двете земји.

„Разговаравме за предложените мерки од страна на АА како дел од нашиот пакет за владеење на правото и бескомпромисна борба против корупцијата, согласувајќи се за итноста од конкретни иницијативи во оваа насока“, истакна Таравари.

Поголемо мнозинство или раситнета ДУИ, што ќе ѝ донесе Таравари на власта

Како што се посочува во партиското соопштение, Таравари со Агелер се согласиле дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е единствениот пат кој гарантира развој, просперитет и стабилност и дека државниот резон бара проевропските сили да не дозволат отстапување од овој курс, преземајќи ја без одлагање одговорноста „за да не ја пропуштиме нашата шанса и успешно да го завршиме овој витален процес за идните генерации“.