Судот во западниот белоруски град Брест ја осуди на две години затвор Дарја Лосик, сопругата на затворениот новинар на РСЕ, Ихар Лосик, под обвинение за екстремистичката активност во Белорусија. Судот ја изрече пресудата еден ден по почетокот на судењето, а казната беше токму она што ја побара обвинителот.
Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека обвинението против Дарја Лосик произлегува од интервјуто кое таа го дала за полскиот телевизиски канал Белсат, кој Минск официјално го означи како екстремистичка група. За време на интервјуто таа „се позиционираше како сопруга на „политички затвореник“, велат од канцеларијата.
„Таа ја изрази својата лична негативна оценка за државните органи вклучени во кривичното гонење и правдата. Таа исто така рече дека нејзиниот сопруг не извршил никакви кривични дела и дека бил незаконски осуден. Таа ги повика роднините на другите осуденици да го следат нејзиниот пример“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Дарја Лосик беше приведена во октомври откако полицијата изврши претрес во нејзиниот дом. Четиригодишната ќерка на Дарја и Ихар Лосик, Паулина, моментално е со родителите на Дарја.
Видете и ова: Белоруските власти додадоа двајца новинари на РСЕ на листата на екстремистиСоединетите Држави повикаа на итно и безусловно ослободување на Дарја Лосик, додека претседателот на РСЕ, Џејми Флај, исто така побара итно ослободување и го осуди нејзиното приведување од страна на белоруските власти.
Ихар Лосик во декември минатата година беше осуден на 15 години затвор по обвиненијата кои остануваат нејасни. Сопругот на прогонетиот белоруски опозициски лидер Свјатлана Циханускаја, Сјархеј Цихануски, како и четворица други блогери и опозициски политичари и активисти, беа осудени на долги затворски казни заедно со Лосик во тоа време. Лосик и другите обвинети тврдат дека случајот против нив е политички мотивиран.