Економијата на еврозоната оваа година ќе функционира „многу подобро“ отколку што првично се стравуваше, изјави во четврток, 19 јануари, шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
„Вестите беа многу попозитивни во последните неколку недели“, рече Лагард на Светскиот економски форум во Давос.
Реториката се префрли од разговори за рецесија во „мало намалување“, рече таа, при што некои големи економии, како што е Германија, можеби целосно ја избегнуваат рецесијата, и покрај напнатата ситуација поради енергетската криза.
ЕЦБ очекува раст од 0,5 отсто во еврозоната во 2023 година.
„Значи, не е одлична година, но е многу подобра од она од што се плашевме“, рече Лагард.
Внимателниот оптимизам доаѓа откако високите цени на енергијата, кои се зголемија минатата година поради војната во Украина, почнаа да паѓаат. На ова помогна и благата зима, што го ублажи стравот од недостиг на гас. Пониските трошоци за енергија придонесоа за падот на инфлацијата во еврозоната, која во октомври достигна врв од 10,6 отсто.
Растот на потрошувачките цени забави на 9,2 отсто во декември, поттикнувајќи ги надежите дека инфлацијата го достигнала врвот и дека ќе почне да опаѓа. Сепак, Лагард предупреди дека инфлацијата сè уште е „премногу висока“.
ЕЦБ веќе агресивно ги зголеми каматните стапки за да ја скроти инфлацијата, зголемувајќи ги клучните стапки за 2,5 процентни поени од јули. Лагард повтори дека ќе следуваат дополнителни зголемувања на каматните стапки со цел инфлацијата да се врати на целта на ЕЦБ од два проценти.