ЕУ ги повика Косово и Србија да го почитуваат договорот

Портпарол на ЕУ за надворешна политика Питер Стано

Европската унија (ЕУ) ги повика Србија и Косово целосно и безусловно да го почитуваат договорот и резолуцијата за регистарските таблички од минатата година и да се воздржат од какви било дејствија што би можеле да ја дестабилизираат ситуацијата.

По интервенција на меѓународната заедница, Косово во ноември се откажа од пререгистрацијата на возилата со ознаките издадени од Србија за градовите во Косово. Србија вети дека повеќе нема да издава нови регистарски таблички.

„Договорот вклучува Косово да се воздржи од какви било понатамошни принудни дејствија против сопствениците на возила со регистарски таблички на КМ и ефективно да го задржи статус-квото додека проблемот не се реши преку дијалог на одржлив начин. И ова вклучуваше Србија да не издава нови таблички КМ “, прецизираше портпаролот на ЕУ Петер Стано на 19 јануари.

Видете и ова: Косово ја обвини Србија за прекршување на договорот за регистарските таблички


Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, ден претходно, на 18 јануари, соопшти дека косовската полиција на неколку гранични премини идентификувала автомобили со таблички „КМ“ (Косовска Митровица), регистрирани во декември 2022 година. Тој ја обвини Србија дека го прекршила договорот.

Тој ги повика сите страни да го почитуваат договорот, да се фокусираат на нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ.

Сите прашања за толкувањето на договореното на 23 ноември, рече тој, треба да се разгледуваат во рамките на дијалогот што го води ЕУ, а не со „некоординирана акција на терен, што може дополнително да ја дестабилизира и онака кревката ситуација таму“.

Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, коментирајќи ја одлуката на косовските власти, го обвини Косово дека се обидува да предизвика криза и нови тензии.