НАТО – Русија се подготвува за продолжена војна

Русија се подготвува за продолжена војна, вели заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана. Тој на воените началници од цела Европа собрани во Брисле на 18 јануари им рекол дека нема индикации оти се смениле целите на рускиот претседател Владимир Путин. Џоана истакна дека Русија мобилизираше повеќе од 200.000 дополнителни војници.

„Значи, мора да бидеме подготвени за долги патеки, 2023 година ќе биде тешка година и ние треба да ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно“, рече тој.

Говорејќи на отворањето на состанокот на воените началници во Брисел, Џоана, исто така, рече дека земјите на НАТО мора да инвестираат повеќе во одбраната, да го зајакнат военото индустриско производство и да ги искористат новите технологии за да се подготват за идните војни.

Претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на својата годишна прес-конференција на 18 јануари рече дека Кремљ ќе ги постигне своите цели во Украина и покрај тоа што, како што вели, ова е „хибридна војна“ што Западот ја води против Русија.

Лавров рече дека Русија не гледа перспектива за мировни преговори и дека не може да има преговори со Зеленски.

Видете и ова: Именуван нов министер за внатрешни работи на Украина, откако досегашниот загина при пад на хеликоптер

За Москва разговорите се можни само доколку Киев ги признае руските претензии за делови од украинската територија, додека Украина вели дека нема да престане да се бори додека не се ослободат сите нејзини земји.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повторува повиците до меѓународните сојузници да им испорачаат оружје. Тој на 18 јануари, преку видено врска, се обрати до учесниците на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека поскоро треба да им испорачааат тенкови и системи за противвоздушна одбрана. Тој вели дека Украина стои цврсто и покрај секојдневните борби во источниот дел од земјата, но дека Западот мора да признае дека „тиранијата ја надвладува демократијата“.