Министри, хеликоптери, отстапки...

МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа Комерц“, станица во која по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс“ во чиј автобус во несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени. Комисијата утврдила дека министерот не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал по три месеци од добиениот извештај, односно три дена по несреќата во Бугарија.

ШВАЈЦАРИЈА - Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), Мирјана Шпољариќ, оваа недела е во посета на Москва на разговори со владини претставници на Русија и на Црвениот крст за да изрази итна загриженост за хуманитарни проблеми, соопштија од меѓународната организација.

МАКЕДОНИЈА - Епидемиолошката состојбата е стабилна и нема потреба од дополнителни мерки оценила Комисијата за спречување на заразни болести на денешната седица. Според нив безбедно е децата да се вратат на училиште од понеделник, кога почнува второто полугодие. Во изминатиот период амбулантите и болниците беа полни со заболени деца, но од Комисијата велат дека следат што се случува и доколку се зголемат бројките на заразени од ковид или грип ќе ги зголемат болничките капацитети.

БИХ - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјади дека никој не страдал поради политиките што ги води, откако Европскиот парламент ЕУ), побара од Европската унија (ЕУ) да го санкционира.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска посочи дека парламентарните и претседателските избори би можеле да се одржат на 14 мај. Говорејќи пред пратениците на неговата партија во парламентот, Ердоган рече дека Турците ќе ја покажат својата реакција на главниот опозициски сојуз на истиот датум кога се одржаа изборите во 1950 година. „Нашата нација ќе им каже „доста е“ на овие благодарници на пучот, оваа амбициозна, но неспособна маса, на истиот ден по 73 години“, рече Ердоган.

САД - Соединетите држави испраќаат стотици илјади артилериски гранати од голем магацин во Израел, објави Њујорк Тајмс. Муницијата лоцирана во Израел била наменета за употреба во регионални конфликти. САД, исто така, му дадоа на Израел дозвола да користи дел од залихите во итни ситуации, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи американски и израелски официјални лица.

МАКЕДОНИЈА - „Да бидеме единствени за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Да покажеме единство, бидејќи тоа е влог во градењето просперитетна иднина на граѓаните и на државата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата на која заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ информираа за текот на скрининг процесот.

RUSIJA / MAKEDONIJA - Руската амбасада во Македонија со објави на социјалните мрежи реагираше на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дадени за време на посетата на Украина во врска со цивилните жртви при руските напади, забележувајќи му дека при тоа не ги споменал загинатите при украинските гранатирања. Во објава на Амбасадата на социјалните мрежи Фејсбук и Телеграм се наведува дека претседавачот на ОБСЕ, Османи шпекулирал „за жртви на руската агресија, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“. Според Амбасадата, Османи досега не ги споменал жртвите од гранатирањата од страна на украинските сили, „како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници“.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ги обвини Соединетите држави дека подготвуваат терен во Украина како дел од, како што ја нарече, хибридна војна против Москва. Говорејќи на прес-конференција во руската престолнина, Лавров рече дека кризата во Украина започнала многу пред Москва да испрати десетици илјади војници во земјата во минатиот февруари во она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“. „Како Наполеон и Хитлер, Соединетите држави формираа коалиција со европејците против Русија и водат војна против Русија во Украина“, рече тој.

МАКЕДОНИЈА - Градот Скопје денеска информира дека поднеле кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ во која одговорност освен од правното, се бара и од одговорното лице – Борис Хрисафов, кој како надлежен за спроведување на обврските кои произлегуваат од А интегрираната дозвола која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, не се придржувал кон истите обврски за максимално дозволените граници на испуштање на штетни гасови во амбиенталниот воздух.

КОСОВО / СРБИЈА - Британскиот пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич изјави дека ниту Косово ниту Србија не треба да гледаат на спроведувањето на постојните договори како отстапка или закана за нивната позиција, туку како конструктивно и одговорно учество во дијалогот. Пич посочи дека двете страни треба да ги исполнат сите обврски преземени во текот на дијалогот и додаде дека една од нив е и Заедницата на српски општини (ЗСО). „Како ќе изгледа Заедницата кога ќе се формира е прашање на страните во дијалогот“, рече тој.

УКРАИНА - Шеснаесет лица, вклучително и министерот за внатрешни работи на Украина и други високи функционери загинаа денеска кога хеликоптер се урна во предградие во близина на Киев, изјави началникот на националната полиција. Хеликоптерот се урнал во близина на градинка во градот Бровари во источната периферија на главниот град. Две деца се меѓу загинатите, а 10 се во болница, соопштија официјални лица.