Треба да се дојде до докази кој сè е инволвиран во бегството на затвореникот Беким Мемети, не завршуваат работите со разрешувањето на директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, изјави вечерва министерот за правда Никола Тупанчески.
Тој во интервју за Топ тема на ТВ Телма не ја исклучи можноста истрагата за бегството на Мемети да резултира со уште разрешувања директори, меѓу кои и на директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири.
„Може да нема директно влијание или директни ингеренции во однос на случувањата, меѓутоа дефинитивно понекогаш треба да се поднесе одговорност и во формално правна смисла на зборот, односно формациски“, вели Тупанчески.
Според него, нема сомнеж дека бегството на Мемети било добро организирана акција, која побарува исто толку добро организирана реакција од страна на државните органи.
Денеска Владата го именуваше Јовица Стојановиќ за вршител на должноста директор на Управата за извршување на санкции до изборот на нов директор. Стојановиќ е именуван за в.д. директор на Управата за извршување санкции откако на седница вчера Владата го разреши од должноста досегашниот директор Марјан Спасовски по бегството на осуденикот Беким Мемети од затворот „Идризово“.