Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 18 јануари телефонски разговараше со ерменскиот премиер Никол Пашинијан за чекорите за обновување на билатералните разговори со Азербејџан.
Разговорот се случува во услови на ескалација на тензиите поради блокадата на единствениот директен пристап до отцепениот регион Нагорно-Карабах.
Блинкен „изрази длабока загриженост за влошената хуманитарна ситуација во Нагорно-Карабах како резултат на блокадата на коридорот Лачин“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Разговорот меѓу Блинкен и Пашинијан дојде откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Кремљ е подготвен да испрати мисија од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Москва на границата меѓу Азербејџан и Ерменија.
Говорејќи на неговата годишна прес-конференција во Москва на 18 јануари, Лавров рече дека иако „постојат тешкотии поврзани со моменталната ситуација во Ерменија“ во рамките на ОДКБ, Русија сè уште е подготвена да испрати мисија од воената алијанса, во која се вклучени и Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.
Ерменија ја нарече блокадата грубо кршење на договорот со посредство на Русија од ноември 2020 година, со кој се стави крај на интензивните борби кои трае повеќе од еден месец. Ерменија и Азербејџан водат војна за азербејџанската територија Нагорно-Карабах и околните области.
Скоро 7.000 луѓе загинаа од двете страни за време на војната во 2020 година, која заврши со враќање на контролата на Баку врз голем дел од регионот и седум соседни области кои беа под контрола на етничките Ерменци три децении.
Видете и ова: Францускиот Сенат бара санкции за Азербејџан поради нападите врз Ерменија и Нагорно КарабахПрекинот на огнот доведе до распоредување на околу 2.000 руски мировници во областа и заедничко следење на ситуацијата со долгогодишниот азербејџански сојузник Турција.
Но, Пашинијан ја доведе во прашање ефикасноста на ОДКБ, критикувајќи го нејзиното одбивање да му помогне на Ереван во септември за време на граничните судири меѓу ерменските и азербејџанските сили.
Ерменија го обвинува Азербејџан за заземање на десетици квадратни километри суверена ерменска територија во серија упади од мај 2021 година. Азербејџан го негира обвинението.