Три можни причини за пад на хеликоптерот во Украина

Местото каде што се ура хеликоптер врз цивилната инфраструктура во Бровари, на периферијата на Киев, Украина, среда, 18 јануари 2023 година.

Украинските власти го ревидираа бројот на загинати при пад на хеликоптер со полицискиот врв во Украина во близина на градинка и станбена зграда. Станува збор за 14 загинати и 25 повредени, претходно беше соопштено дека има 18 жртви. Зеленски оценува дека станува збор за „ужасна трагедија“. Се истражуваат три потенцијални причини за пад на хеликоптерот при што загинаа министерот за внатрешни работи и негови соработници и едно дете.

Украинскиот министер за внатрешни работи, други високи функционери во Министерството и едно дете се меѓу 14-те жртви, откако украински хеликоптер се урна во близина на градинка и станбена зграда во близина на Киев. Претседателот на Украина Володимир Зеленски оцени дека станува збор за „ужасна трагедија“.

Претходно од страна на некои официјални лица во Украина беше објавено дека загинале 18 лица, но Државната служба за итни случаи во соопштение издадено подоцна на 18 јануари соопшти дека билансот бил ревидиран, вклучително и тоа дека загинало едно дена, а претходно беа пријавени три загинати деца.

Според ревидираниот биланс, 25 лица се повредени, меѓу кои 11 деца, во несреќата во градот Бровари, на околу 20 километри североисточно од главниот град Киев.

Луѓе оставаат предмети и цвеќе на местото на хеликоптерската несреќа во чест на жртвите, во градот Бровари, надвор од Киев, Украина, 18 јануари 2023 година.

Во несреќата загина министерот за внатрешни работи на Украина, Денис Монастирски, неговиот заменик Евхен Јенин, и државниот секретар Јуриј Лубкович.

Началникот на украинската полиција, Ихор Клименко, рече дека девет од загинатите биле во хеликоптерот на службата за итни случаи.

Засега не се знае дали станува збор за несреќа или е последица на војната.
Советникот на Монастирски Антон Херашченко рече дека е отворена истрага за инцидентот.

Засега нема коментар од Москва, а украинските власти не споменаа дека имало каков било руски напад во областа во тоа време.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинскиот министер за внатрешни работи меѓу загинатите во хеликоптерска несреќа

Се истражуваат три можни причини

Но, Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека истражителите се фокусирале на три можни причини за несреќата: прекршување на правилата за летање, техничка неисправност на хеликоптерот и намерни дејствија за уништување на возилото, без притоа да даде детали за третата потенцијална причина.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили, Јуриј Ихнат, рече дека хеликоптерот бил Супер Пума, испорачан од Франција.

Претставник на француската одбрана, цитиран од АП, рече дека хеликоптерот му бил продаден на Киев во 2019 година и не бил дел од опремата што Франција ја обезбедила откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2021 година.

Тој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи, според политиката на Министерството, немал овластување да биде именуван.

Монастирски е највисокиот украински функционер кој загина од почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари минатата година. Тој беше назначен за министер за внатрешни работи во јули 2021. Бил адвокат и клучен член на партијата на Зеленски.

„Денес се случи страшна трагедија во Бровари, Киевската област. Се урна хеликоптер на Службата за итни случаи, а на местото на несреќата избувна пожар. Болката е неискажлива“, наведе Зеленски во изјавата на Фејсбук.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го нарече Монастирски „голем пријател на ЕУ“.

„Се придружуваме на Украина во тагата по трагичната хеликоптерска несреќа“, рече претседателот на Европскиот совет во пораката објавена на Твитер.

„Министерот Денис Монастирски беше голем пријател на ЕУ. Го споделуваме нашето најдлабоко сочувство со семејствата на жртвите, претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и народот на Украина“, напиша Мишел.

Украина - Од почетокот на војната убиени се повеќе од 9000 цивили

Инцидентот се случи додека руските сили ја фокусираат својата офанзива на Бахмут во источниот регион на Доњецк и додека Киев повторно повикува западни сојузници да испорачаат оружје, вклучително и модерни тенкови.

Генералштабот на украинските вооружени сили во својот дневен извештај соопшти дека Бахмут и Авдијевка, каде што се водат тешки борби со месеци, и понатаму се главни цели на Москва во Доњецк, додека населбата Билохоривка во соседниот регион Луганск исто така е под интензивни напади во изминатите 24 часа.

Повеќе од 9.000 цивили, вклучувајќи 453 деца, се убиени од почетокот на војната минатиот февруари, изјави денеска Андриј Јермак, шеф на украинскиот претседателски штаб, на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште Давос

Обединетите нации, пак, оперираат со бројка на повеќе од 7000 убиени цивили.

Видете и ова: Генерал Хоџис: Русија нема „кохерентен воен план“ во Украина

Лавров - Москва не може да преговара со Зеленски

Во меѓувреме во Москва, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на својата годишна прес-конференција на 18 јануари, рече дека Кремљ ќе ги постигне своите цели во Украина и покрај тоа, како што рече, дека ова е „хибридна војна“ што Западот ја води против Русија.

Лавров рече дека Русија не гледа перспектива за мировни преговори и дека не може да има преговори со Зеленски.

Москва соопшти дека разговорите се можни само доколку Киев ги признае руските претензии за делови од украинската територија, додека Украина вели дека нема да престане да се бори додека не се ослободат сите нејзини земји.