Слободата на медиумите и изразувањето е темелна вредност на ЕУ и камен темелник на демократијата, изјави на 18 јануари евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, но не сакаше да го коментира кратењето на буџетот на Медиумската информативна агенција (МИА), и изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со оценки за работа на дел медиуми.
Гир денеска заедно со амбасадори од други земји членки на ЕУ е во посета на Охрид.
„Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата затоа што води сметка и осигурува дека граѓаните се добро информирани и можат да носат добро информирани одлуки. Тоа значи дека од една страна медиумите се задолжени да направат таков тип на веродостојни и точни информации и треба да се стремат кон највисоките професионални стандарди, и од друга страна е важно слободата на медиумите да биде зачувана и да биде заштитена од влијанија и вмешувања и од каква било други дејствија кои може да ги натераат новинарите на автоцензура или да се плашат од нешто“, рече Гир.
Видете и ова: Медиумите никако да им се погодат на властитеЕвроамбасадорот се наврати на одговорот за најважните прашања за ЕУ во однос на реформите и нашиот скрининг, потенцирајќи дека „и слободата на медиумите е едно од оние прашања кое навлегува во сржта на тоа што се нарекува фундаментални прашања“ и е од големо значење за Брисел.
Со оценки и етикетирање за уредувачката политика на одредени медиуми изминатите денови излегоа и премиерот Димитар Ковачевски и најголемиот коалиционен партнер во Владата, Али Ахмети. Тоа пак, наиде на осуди од медиумските здруженија и организации, а опозицијата, пак, оцени дека Ковачевски и Ахмети им објавиле војна на медиумите.