Бугарско МНР - Јавните изјави со кои се навредува Северна Македонија не се официјален став на Бугарија

Бугарското Министерство за надворешни работи

Јавните изјави со кои се навредува или провоцира Северна Македонија се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви, соопшти бугарското Министерството за надворешни работи.

Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на бугарското МНР, Министерството ја потврдува својата категорична позиција оти политичарите и јавните личности од Бугарија и Северна Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и во намалувањето на тензиите во јавноста.

„Имајќи ја предвид заедничката историја што ги поврзува двете земји, одбележувањето на заедничките историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Видете и ова: Со скандирања „Македонија е бугарска“ одбележана 95-годишнината од смртта на Бунева


Според Министерството, како што јави БТА, во исто време, не помалку опасни за билатералните односи се и апелите на „маргиналните партии во Северна Македонија против бугарските политичари и јавни личности кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија и проектите за зближување на луѓето меѓу двете земји“.

„Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи во интерес на кругови кои не се заинтересирани за европската интеграција на Република Северна Македонија. Добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани“, се додава во соопштението на бугарското МНР.

Опозициската Левица побара од властите да ги прогласи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и други бугарски политичари за непожелни во Македонија.

Соопштението на бугарското МНР, следи по реакцијата на македонското МНР во врска со изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание Костадин Костадинов за време на чествувањето на Мара Бунева во саботата во Скопје.

„Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црното Море и од Дунав до Белото Море. Да живее бугарска Македонија. Да живее Бугарија“, порача Џамбаски во саботата од центарот на Скопје, каде што присуствуваше на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Бунева.

Мара Бунева во јануари 1928 го убила српскиот полициски началник Владимир Прелиќ во Скопје по што се самоубила.

Прелиќ ги прогонувал членовите на ВМРО, Бунева го убила во знак на одмазда.

Видете и ова: МНР побара од Софија да се огради од недолични изјави на одредени политички фигури од Бугарија

Македонското МНР побара од официјална Софија да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Македонија, и воедно сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи.

„Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Република Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави“, беше наведено во реакцијата на МНР упатена во неделата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера коментирајќи ги настапите на Џамбаски и Костадинов оцени дека иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност.