Од Пендаровски до Грета Тунберг
ГЕРМАНИЈА - Полицијата денеска ја приведе шведската еколошка активистка Грета Тунберг со група демонстранти кои протестираа поради проширување на рудник за јаглен во западна Германија, соопшти полицијата.
„Групата е во притвор“, рече портпаролката на полицијата, наведувајќи дека Тунберг била во групата активисти кои се упатиле кон „границите на рудникот“ Грацвајлер два.
МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд – Скопје в понеделник треба да ја објави првостепената пресудата за случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности за кои се обвинети поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)ЈБ, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија.
САД - Додека украинските сили се соочуваат со засилени руски напади на истокот на земјата, американскиот командант Марк Мили се сретна со украински воени офицери на тајна локација во југоисточна Полска.
Американскиот армиски генерал Марк Мили, претседател на Здружениот Генералштаб, на 17 јануари се сретна со генералот Валериј Залужниј, началник на украинската војска, во база во близина на границата на Полска со Украина.
МАКЕДОНИЈА - Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изминатата недела извршиле над 200 инспекциски надзори да видат дали се почитува Законот за заштита од пушење, по што издале 56 прекршочни платни налози. Инспекциите се извршени во периодот од 10 до 14 јануари, по зголемениот број на пријави од граѓани дека се пуши во јавни простории.
МАКЕДОНИЈА - Демократската унија за интеграција денеска на плоштадот „Скендербег“ организираше настан по повод одбележувањето на 555-годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриот Скендербег, на кој не присуствуваа членови од т.н. огнена група.
УКРАИНА - Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски Олексеј Арастович денеска поднесе оставка по изјавата дека Киев ја соборил руската ракета која погоди станбен комплекс во Днипро. Арестович се извини и рече дека направил „фундаментална грешка“, пренесува Би Би Си.
АЛБАНИЈА - Албанската Влада, по повод 555 години од смртта на албанскиот народен херој, Ѓерѓ Кастриот Скендербег донесе одлука наставата секој понеделник да започнува со пеење на националната химна (химната на знамето), јави „Ора њуз“.
ГЕРМАНИЈА - Борис Писториус, социјалдемократски министер за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија, ќе биде нов министер за одбрана на Германија, соопшти денеска германската влада. Претходно, германскиот министер за економија Роберт Хабек изјави дека првата точка на дневниот ред на идниот министер за одбрана на Германија ќе биде дали да и испорача борбени тенкови на Украина.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска го опиша Западен Балкан како мека точка во безбедносната архитектура на Европа и зрела за потенцијални кампањи за влијание од страна на Русија. „Меката точка во архитектурата на Европа и опасноста од Кремљ е Западен Балкан“, рече претседателот Стево Пендаровски на настанот на Светскиот економски форум, додавајќи дека верува оти САД треба да посветат поголемо внимание на ситуацијата во регионот.
АВСТРАЛИЈА - Тенис Австралија денеска ги забрани руските и белоруските знамиња на Австралија опен откако амбасадорот на Украина побара акција кога тие беа видени меѓу публиката. Знамиња на Русија беа развеани од навивачите на 16 јануари за време на мешот во првото коло помеѓу Украинката Катерина Баиндл и Русинката Камила Рахимова.
СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека огласот на руската паравоена група „Вагнер“ за регрутирање доброволци за војната против Украина, што го објави Раша Тудеј Србија, „не е фер“ и дека се знае оти тоа е спротивно на прописите и дека законот им забранува на српските државјани да учествуваат на странски боишта. Вучиќ за телевизијата Хепи изјави дека таквата реклама „не е фер кон некој што страда затоа што не ги казнил Чајковски, Достоевски или Толстој“, и затоа што Србија го примила „секој човек од Руската Федерација, а рускиот е како мајчин јазик“.