Инспекторите „ловеле“ пушачи во затворени објекти

Илустрација

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изминатата недела извршиле над 200 инспекциски надзори да видат дали се почитува Законот за заштита од пушење, по што издале 56 прекршочни платни налози. Инспекциите се извршени во периодот од 10 до 14 јануари, по зголемениот број на пријави од граѓани дека се пуши во јавни простории.

Според Законот, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект од 100 до 300 евра.

Видете и ова: Затворени четири угостителски објекти во Тетовско, затекнати 27 лица без ковид-сертификат


Законот предвидува дека пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).

Државниот пазарен инспекторат информира дека ќе продолжи со интензивни контроли. Од ДПИ напоменуваат дека казните се високи и затоа, како што велат, апелираат правните субјекти да го почитуваат Законот, а граѓаните да го искористат законското право и да поднесат пријава до Државниот пазарен инспекторат доколку забележат прекршување на законот.