Школите штедат греење, второто полугодие почнува на 23 јануари

Илустрација: Основно училиште

Второто полугодие од учебната година почнува на 23 јануари, соопшти Министерството за образование и наука. Со одлука на Владата, а на предлог на Министерството, второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари почнува на 23 јануари (понеделник), со физичко присуство за сите ученици.

Зимскиот распуст е продолжен поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење.

Од Министерството за образование апелираа училиштата да ја искористат поволноста што им се нуди за снабдување со струја.

„Апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност. Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година“, информираат од МОН.

Видете и ова: Продолжен зимскиот распуст за учениците


Училиштата од 1 декември користат поевтина струја, откако со владина одлука се вратија на регулиран пазар на струја. Но, од вкупно 474 јавни основни и средни училишта, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку ЕСМ Продажба се пријавиле 309 училишта, а третина од училиштата или воопшто не аплицирале, или имале нецелосна апликација.

Распустот на учениците започна со стартот на новата година и требаше да трае до 18 јануари (среда). Четвртокот (19 јануари) е државен празник во Македонија и е неработен ден, па учениците го добиваат само петокот како ден плус од распуст.