Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок повика на формирање на специјален меѓународен суд кој ќе ги гони руските лидери за инвазијата на Москва врз Украина. Таа рече дека е потребен трибунал кој може да го истражи руското раководство и да ги изведе пред суд.
„Треба да испратиме јасна порака до руското раководство овде и сега дека воената агресија нема да остане неказнета“, рече Бербок на Академијата за меѓународно право во Хаг.
Германското Министерство за надворешни работи подоцна објави на Твитер дека Бербок сака „да и обезбеди меѓународна поддршка на Украина во формирањето на специјален суд за агресија во Хаг“.
Бербок, исто така, повика на промени во статутот на Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг за на крајот на раководството на Русија да му се суди за агресија.
Меѓународниот кривичен суд ги истражува наводните воени злосторства против човештвото во Украина. Но, според правилата усвоени во 2018 година, судот не може да ја гони Русија за посебно кривично дело - агресија бидејќи земјата не е членка.
Единствениот начин да се направи тоа во моментов е да се поднесе барање до Советот за безбедност на ОН, на кое Русија како постојана членка би ставила вето.
„Разговаравме за соработка со Украина и нашите партнери за идејата за формирање специјален суд за злосторства на агресија против Украина“, рече Бербок.
Таа додаде дека ваквото тело би можело да ја извлече својата јурисдикција од украинското кривично право и да биде дополнето со меѓународни елементи.
„На локација надвор од Украина, со финансиска поддршка од партнери и со меѓународни обвинители и судии, за да се гарантираат непристрасноста и легитимноста“, рече Бербок.
Русија, која своите акции во Украина ги нарекува „специјална воена операција“, ги отфрли обвинувањата за воени злосторства, вклучително и намерно таргетирање на украински цивили.