Од Идризово до Коза Ностра
УКРАИНА - Високиот комесаријат за човекови права на ОН денеска соопшти дека потврдениот биланс на загинати цивили од руската воена инвазија во Украина надминал 7.000 луѓе, со повеќе од 11.000 повредени. Оттаму додадоа дека се верува оти вистинскиот биланс е поголем.UKRAINE-CRISIS/DNIPRO-STRIKE
БРИТАНИЈА - Велика Британија денеска ја повика Германија да дозволи снабдување со тенкови Леопард за Украина, нагласувајќи дека тоа може да резултира со поддршка и од другите нации.
„Очигледно Полска е многу заинтересирана да донира некои Леопарди, како и Финска“, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас пред парламентот.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави смена на директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски откако избега осуденик од затворот во Идризово. Ковачевски денешната прес-конференција во Владата рече дека е незадоволен од работата на Спасовски и затоа ќе бара негова замена.
РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговарал со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Според соопштението, тие разговарале за потенцијална размена на затвореници меѓу Украина и Русија.
САД - Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак заедно со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Есокбар кон крајот на оваа недела ќе го посетат Косово, а потоа и Србија, дознава РСЕ од дипломатски извори во Брисел.
МАКЕДОНИЈА - Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница е одложено поради отсуството на еден од обивнетите, поранешниот економски директор на тетовската болница Артан Етеми. Наредното рочиште е закажано за 31 јануари.
ЦРНА ГОРА - Претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ ги распиша претседателските избори за 19 март. Актуелниот мандат на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, започна на 20 мај 2018 година, кога тој положи заклетва пред пратениците во Собранието на Црна Гора.
ШВЕДСКА - Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека земјата е во „добра позиција“ во однос на процесот за добивање на ратификација од страна на Турција за членството во НАТО.
БУГАРИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев го додели мандатот за состав на нова влада на Бугарската социјалистичка партија. Лидерката на партијата Корнелија Нинова, изјави дека партијата ќе даде се од себе „да формира редовна влада, која е многу потребна“.
КОСОВО - Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гeрвала изјави дека нема да се бараат начини за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, што е договорено во рамките на дијалогот со Србија.
МАКЕДОНИЈА - Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на денешната конференција „Предизвици на економските политики во 2023 година“ во Скопје.
СРБИЈА - Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека ситуацијата на подрачјето на Косово е несомнено најголемиот безбедносен ризик за Србија, нагласувајќи дека моментално владее смиреност, но дека ситуацијата се следи внимателно.
УКРАИНА / МАКЕДОНИЈА - „Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати оваа организација во Украина“, порача денеска министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, кој во рамки на денешната посета на Украина го посети Бородјанка во киевската област, кој е силно погоден од воените дејствија.
ИНДОНЕЗИЈА - Подводен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала утринава ја погоди западна Индонезија и нема извештаи за сериозни штети или жртви во еден час, објави Американскиот геолошки институт. Епицентарот бил на 40 километри југоисточно од Сингил, крајбрежна област во провинцијата Ачех, на длабочина од 37 километри.
ИТАЛИЈА - Италијанската полиција денеска го уапси Матео Месина Денаро, најбараниот мафијашки бос во земјата, кој беше во бегство три децении. Месина Денаро, кој беше приведен во сицилијанската престолнина Палермо, се тврди дека е шеф на сицилијанската мафија Коза Ностра. Тој е осуден во отсуство на доживотен затвор за неговата улога во убиствата на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.