Претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ ги распиша претседателските избори за 19 март. Актуелниот мандат на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, започна на 20 мај 2018 година, кога тој положи заклетва пред пратениците во Собранието на Црна Гора.
„Претседателот на Собранието е овластен и должен да распише избори за претседател на Црна Гора најдоцна 120 дена пред истекот на мандатот на претседателот на Црна Гора“, рече Ѓуровиќ.
Објаснувајќи зошто го избрала тој датум, Ѓуровиќ рече дека по април следуваат големи верски празници, поради што 19 март би бил најсоодветен датум за одржување на изборите.
„Имајќи ја предвид можноста ниту еден од потенцијалните кандидати на претседателските избори да не победи во првиот круг, требаше да се земе предвид фактот дека вториот круг од изборите се одржува по 14 дена, што повторно не би било соодветно ако падне за време на верски празници“, изјави Ѓуровиќ.
Видете и ова: Неуспешен обид за формирање нова влада на Црна ГораЗа да може кандидатот да победи во првиот круг на претседателските избори, треба да освои над 50 отсто од гласовите. Доколку тоа не се случи во вториот круг, ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најголем број гласови.
Претседателот на Црна Гора се избира на пет години. Пред Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора беше Филип Вујановиќ и тоа во три мандати, од 2003 до 2018 година.