Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на денешната конференција „Предизвици на економските политики во 2023 година“ во Скопје. Таа, напомена дека колку економијата е трговски поотворена и по увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е македонската, толку шокот од кризата е поголем. „Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија. Но, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен“, рече таа.
Сиромаштијата ќе расте и ќе ја топи средната класа
Во однос на домашните фактори, според неа, многу е битно да продолжат координираните макроекономски политики кои ќе бидат насочени кон поддршка на најпогодените сегменти од економијата. !Тоа се структурните реформи кои се очигледно повеќе од потребни зашто дел од предизвиците со кои се соочуваме сега, се резултат токму на недоволниот фокус во сферата на структурните реформи во изминатите три децении“, истакна Ангеловска-Бежоска. Според неа, во услови на вакви инфлациски движења, централните банки немаа друг избор освен да реагираат во насока на затегнување на монетарната политика. Конференцијата ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, а ја отворија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот Глигор Бишев.