Српскиот министер за одбрана: Косово е најголем безбедносен ризик

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека ситуацијата на подрачјето на Косово е несомнено најголемиот безбедносен ризик за Србија, нагласувајќи дека моментално владее смиреност, но дека ситуацијата се следи внимателно. Во Белград, на презентацијата на резултатите од анализата на состојбата, оперативните и функционалните способности на српските вооружени сили во 2022 година, Вучевиќ рече дека ги следат „новите инфраструктурни работи“ на косовската полиција и на Косовските безбедносни сили. Тој посочи и дека Србија гласно се противи на трансформацијата на Косовските безбедносни сили во вооружени сили на Косово, што, според него, би довело до создавање на војска на Косово.

Ескобар: Заедницата на српски општини е меѓународна обврска на Косово

Запрашан за базите на косовската полиција на северот на Косово, тој рече дека е забележано дополнително инфраструктурно позиционирање на косовската полиција на подрачјето на четири општини со српско мнозинство. „Ова не е добар знак и не оддалечува од дијалогот. Тоа доведува до закана и загрозување на основните човекови права кои ги има и српската заедница на Косово и Метохија. Секојдневно ги повикуваме КФОР и ЕУЛЕКС постојано да го преземаат она што е во нивниот мандат - а тоа е да гарантираат безбедност за сите граѓани на Косово и Метохија, особено за малцинските заедници“, рече тој. Запрашан за зголемување на борбената готовност за време на тензиите на Косово на крајот на 2022 година, Вучевиќ рече дека на денешната средба тоа било позитивно оценето и посочил дека е многу задоволен од тоа како регрутите ги извршувале сите задачи.