Расте бројот на жртви од рускиот напад врз станбена зграда во Украина

Руски напад врз станбена зграда во украинскиот град Днипро

Бројот на загинати во рускиот ракетен напад врз станбена зграда во украинскиот град Днипро се искачи на 25, според последните информации кои ги соопшти претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Потрагата и спасувањето продолжуваат. Се бориме да го спасиме секој живот“, рече Зеленски.

Градските власти објавија дека 72 лица биле повредени во нападот на Днипро, само еден од неколкуте украински градови кој што беше цел на руски ракети на 14 јануари, јавува Радио Слободна Европа на украински јазик.

Спасени се 39 луѓе, меѓу кои и шест деца.Градоначалникот на Днипро, Борис Филатов, рече дека има „минимални“ шанси некој друг да биде пронајден жив.

Путин: Операцијата во Украина се одвива според планот

Претходно, градскиот совет прогласи тридневна жалост поради, како што рече, најлошиот „терористички напад на Днипро“ од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година. Украинските власти претходно соопштија дека повеќе од 40 лица се уште се водат како исчезнати. Меѓу загинатите има и 15-годишно девојче.

Ракетата уништила десетици станови во станбена зграда во Днипро, оставајќи стотици луѓе без покрив над главата, изјави Кирило Тимошенко, висок функционер во претседателството на Украина. Во саботата, на 14 јануари, Русија изврши серија напади врз украинските градови и инфраструктура, прв таков напад од почетокот на годинава.