Со скандирања „Македонија е бугарска“ одбележана 95-годишнината од смртта на Бунева

Oдбележувањето на 95-годишнината од смртта на Бунева во центарот на Скопје

Околу стотина поддржувачи на делото на револуционерката Мара Бунева денеска се собраа на кејот на Вардар во центарот на Скопје. На одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Бунева, присустуваа и бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, како и членови на бугарската Фондација „Македонија“.

Со знамиња, скандирања Македонија е бугарска и постери со ликот на Цар Борис трети ја одбележаа годишнината од смртта на Бунева. Поворката, во првиот ред ја предводеше бугарскиот европратеник Џамбаски.

Со зборовите „вечна памет на Мара Бунева“ и „Да живее Бугарија! Македонија е бугарска!“ бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и членовите на бугарската фондација „Македонија“ денеска го организираа претходно најавениот настан за одбележување на денот кога била убиена Бунева.

Во говорот Џамбаски меѓу другото порача дека нема да дозволи денационализација на Бугарите во Македонија, а потоа на социјалните мрежи напиша „Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море. Да живее бугарска Македонија. Да живее Бугарија“. На настанот присуствуваше и бугарскиoт пратеник и лидер на политичката партија Преродба - Костадин Костадинов за кого од владата претходно оценија дека е непожелен во земјава.

Војната на клубовите ги раздалечува народите

Од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ ги осудија „негаторските и асимилаторски пароли кои се навреда за чувствата на Македонците искажани денес среде Скопје при панихидата на Мара Бунева“.

„Ваквите изјави со кои се негира Македонија се последица на предавничките политики на СДС и Ковачевски. Уште посрамно е што за сето ова молчат државните институции, затоа што Бујар Османи и ДУИ како и Ковачевски и СДС се фокусирани кон криминал и тендери, наместо кон одбрана на државните интереси. Негирање на Македонија, во главниот град на Македонија е придобивката од политиките на Ковачевски, СДС и ДУИ“, се вели во соопштението на партијата.

Досега нема реакција од владата, ниту од Министерството за надворешни работи.