Притвор за командирот и двајца затворски полицајци за бегството на затвореникот Мемети

Илустрација

Судот им определи мерка притвор од осум дена на командирот и двајца затворски полицајци, за кои постои основано сомнение дека како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствија што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега од затворот во „Идризово“, соопштија денеска од јавното обвинителство.

„Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените со решение им определи мерка притвор во траење од 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница“, се вели во соопштението од обвинителството.

Кривичното дело било сторено по претходни насоки на првоосомничениот – командир на надворешно обезбедување, кое го реализирале уште тројца затворски полицајци. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа.

„Откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, одлучиле самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“, инфомираат од обвинителството.

Меѓународна потерница за избеганиот затвореник од Идризово

Според обвинителството, осудениот Беким Мемети откако во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот -дежурниот командир наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот. Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото.

Второосомничениот пак, дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола.

Суспендирани полицајците на кои им побегна затвореникот Мемети

Третоосомничениот, кој бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе.

Од Обвинителството додаваат дека продолжува истражувањето на причините и мотивите. Мемети бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за трговија со дрога.