Руските сили извршија рактени напади врз критичната инфраструктура во Киев, соопштија украинските власти. Заменик-шефот на украинскиот претседателски кабинет Кирило Тимошенко на апликацијата за пораки Телеграм, соопшти дека критичната инфраструктура во градот била цел на руски ракетен напад.
Градоначалникот Виталиј Кличко пак, во посебна објава на Телеграм напиша дека „се слушнале експлозии во областа Днипро“. Кличко рече дека фрагменти од проектил паднале врз нестанбена област во Холосијевски и додаде дека нема извештаи за жртви.
Како што пренесува новинската агенција Ројтерс, во градот се слушнале серија експлозии пред да се огласи сирената за воздушен напад во Киев.
Украина ги отфрли руските тврдења дека го контролира Соледар, борбите се во тек
Во североисточниот регион на Харков, „непријателот изврши уште еден ракетен напад врз критичната инфраструктура и индустриските капацитети“, рече гувернерот Олег Синегубов. Тој предупреди дека може да има прекини на струјата во и околу градот Харков, вториот по големина град во Украина.
Напади беа пријавени и во јужниот регион Запорожје. Украинските власти најавија дека можни се и нови напади. Гувернерот на централниот регион Черкаси ги предупреди Украинците дека Русија може да изврши масовен ракетен напад подоцна во текот на денов.
Украина соопшти дека нејзините сили одбиваат постојани руски напади на исток
Виталиј Ким, регионален гувернер на јужната област Миколаев, рече дека 17 руски бомбардери Тупољев полетале од воените бази. Неговата изјава дојде веднаш по воздушните напади врз Киев и Харков, кои ја погодија критичната инфраструктура, пренесува Ројтерс. На жителите им е советувано да се скријат во засолништа.
Украинската престолнина не била нападната од новогодишната ноќ. Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година, а во последните неколку месеци ги интензивираше нападите врз енергетската инфраструктура.