Фирма на Трамп треба да плати 1,6 милиони долари казна за даночна измама

Судот во Њујорк донесе пресуда против компанијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп поради даночна измама. Казната која фирмата треба да ја плати е 1,61 милиони долари. Кривичниот суд во Менхетен ја изрече максималната можна казна, откако поротниците ги прогласија за виновни двајцата соработници на „Организацијата Трамп“ за вкупно 17 кривични пријави кои се однесуваат на затајување на данок на добивка за надоместоци исплатени на највисоките директори во организацијата.

Трамп како физички лице не е осуден во овој случај, но пресудата му нанесува дополнителна штета на угледот, во период кога тој бара републиканска номинација за претседател во 2024 година. Одбраната на Трамп најави жалба на пресудата.

Видете и ова: Трамп сака повторно да се кандидира за претседател на САД


Окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, чија канцеларија го покрена случајот, сè уште води кривична истрага за деловните практики на Трамп.

„Денешната пресуда, заедно со изрекувањето на пресудата претходно оваа недела, го затвора ова важно поглавје од нашата тековна истрага за поранешниот претседател и неговите бизниси“, изјави Брег за новинарите.

„Сега ќе продолжиме на следното поглавје,“ додаде тој.

Џошуа Стеинглас, еден од обвинителите, вели дека оваа казна е само „мал дел“ од приходот на Организацијата Трамп.

Тој е цел на повеќекратни истраги за неговото однесување пред, за време и по неговиот прв претседателски мандат , што на крајот може да резултира со негова дисквалификација. Тие вклучуваат наводи за измама од неговиот семеен бизнис, неговата улога во нападот на Капитол, неговиот обид да ги поништи изборите во 2020 година и неговото чување доверливи документи во Мар-а-Лаго.