Пет дена рок доби цементарница „Усје“ да го замени мазутот со гас

Цементарница УСЈЕ во Скопје.

Министерството за животна средина соопшти дека по вонредните инспекциски надзори во Цементарницата Усје се забележува надминување на дозволен азотен оксид во воздухот кој изнесувал 711, 9 милиграми на метар кубен од котларата за парно греење која користи мазут, додека измерените параметри од двете печки за азотен оксид (NOx), сулфур диоксид (SO2) и прашина се во рамки на дозволени концентрации според А-интегрираната еколошка дозвола.

Државниот инспекторат за животна средина денеска издаде решение со кое на „Цементарница УСЈЕ“ и се наложува во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 мегавати со кои се загрева фабриката да се користи природен гас како гориво, согласно добиената А-Интегрирана еколошка дозвола и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода. Рокот за реализирање на задолжението е пет дена.

„Да изврши мерење на емисија на гасови од емитерот – оџакот на парниот котел кој ќе биде во функција, за што рокот на реализирање на задолжението е 10 денови откако ќе биде користен природен гас како гориво, се наведува во решението на Државниот инспекторат.

„ На 4 јануари 2023 година извршени се мерења на емисија на гасови од оџакот на парниот котел со моќност од 4,2 мегавати кој користи мазут како гориво“, образложија од Министерството.

Видете и ова: „УСЈЕ“ ги отфрла обвинувањата на Арсовска дека загадува, но признава дека имало отстапување


Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави кривична пријава за загадување на воздухот кон „Цементарница УСЈЕ. По нејзината најава од компанијата во писмена реакција ги отфрлија како неточни нејзините тврдења. Сепак, најавија дека ќе ги имплементираат препораките на Државниот инспекторат за животна средина, од каде објавија за серизно надминување на испуст на азотни оксиди од Котларата за загревање на просториите. За ова, како што појаснија од Инспекторатот, казната изнесува 180.000-200.000 евра.

Од Цементарница велат дека вонредната контрола на 3 и 4 јануари, потврдила дека емисиите од производниот процес во „Цементарница УСЈЕ“ се пониски од дозволените гранични вредности, ама дополнуваат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите употребувале мазут кој им бил дозволен енергенс согласно А-Интегрираната еколошка дозвола.

„При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на Инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас,“ велат од „Цементарницата“.

Ако има пропуст ќе има и казна, но ние не поднесуваме кривична пријава против никого, изјави министерот за животна средина Насер Нуредини во однос на изнесените тврдења на градоначалничката Данела Арсовска дека цементарницата „Титан усје“ го загадувала воздухот повеќе од дозволеното.

„Резултатите ги имаме, сега ние го разгледуваме извшетајот и ќе продолжиме со тие процедури што се законски потребни и ако има некоја пропуст, ќе има и санкции на таа фирма. Целосно, транспарентно ќе го презентираме, кога извештајот ќе биде разгледан и комисијата ќе го има разгледано целиот“, истакна министерот.

Скопје во периодот околу Новогодишните и Божиќните празници се соочуваше со високо ниво на аерозагаденост и неколкудневна густа магла, што го врати градот на листата на најазагадени градови во светот, според апликациите кои собираат вакви информации.