Американскиот државен обвинител Мерик Гарланд објави дека назначува специјален советник кој ќе го испита начинот на кој претседателот Џо Бајден постапува со чувствителните владини документи, истрага што може да фрли сенка врз очекуваната трка на демократот за реизбор во 2024 година.
Највисокиот американски функционер за спроведување на законот ова го објави ова неколку часа откако адвокат од Белата куќа во четвртокот откри дека правниот тим на Бајден пронашол втор сет на доверливи документи од неговото време како потпретседател, во складиштето во неговиот дом во Делавер. Белата куќа во понеделникот откри дека доверливи документи од неговите потпретседателски денови биле откриени во ноември во поранешните канцеларии на американскиот претседател во институтот каде што работел во Вашингтон.
Гарланд рече дека Роберт Хур, поранешен американски обвинител, ќе служи како специјален советник.
Назначувањето на специјалните советници може да се прави во случаите кога се истражуваат политички чувствителни случаи и тие ги извршуваат своите одговорности со одреден степен на независност од раководството на Министерството за правда, вклучително и Гарланд, кој беше назначен од Бајден. Специјалните советници можат да поднесуваат кривични пријави.
Бајден (80) се очекува официјално да започне кампања за реизбор во наредните месеци. Откривањата за документите веќе предизвикаа политичка загриженост кај него.
Претседателот во текот на денот изјави дека ќе добие шанса да зборува за „сето ова наскоро“, пред да ја прочита подготвената изјава во која ги повторува информациите што Белата куќа ги објави претходно.
„Како што реков претходно оваа недела, луѓето знаат дека сериозно ги сфаќам доверливите документи, доверливите материјали. Исто така, реков дека целосно и комплетно соработуваме со ревизијата на Министерството за правда“, рече Бајден.
Белата куќа веќе објави дека американското Министерство за правда ги истражува можните доверливи документи пронајдени во поранешните канцеларии на американскиот претседател. Специјалниот советник на претседателот, Ричард Заубер рече дека „мал број доверливи документи“ биле откриени додека адвокатите на Бајден ги празнеле канцелариите на Центарот Пен Бајден.
Бајден имаше канцеларија во центарот од кога ја напушти потпретседателската функција во 2017 година до започнувањето на неговата претседателска кампања во 2019 година.