Корупција, цензура, политика, бомби...

МАКЕДОНИЈА - Заменик шефот на мисија од Амбасадата на САД, Ерик Мејер и шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон, порачаа дека Македонија мора посериозно да се зафати со решавање на проблемот со корупцијата и имплементација на законите. Тие беа дел од на тркалезната маса „Западен Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија- членка на Европската Унија до 2030 година”, организирана од македонскиот Совет на Амбасадори.

БУГАРИЈА - Бугарските обвинители во четвртокот соопштија дека пребарале петнаесетина локации во главниот град како дел од истрагата за сомнителни измамнички активности извршени од меѓународната платформа за криптовалути Нексо (Nexo).

МАКЕДОНИЈА - Полицијата денеска привела 55-годишна скопјанка поради лажна пријава за поставени бомби во скопски училишта. Како што соопштија од МВР, жената, за која е наведено дека има здравствени проблеми, вчера од мобилен телефон се јавила во Управата за финансиско разузнавање во Скопје и пријавила дека се поставени експлозивни направи во скопски училишта.

САД / СРБИЈА - Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Белград и Приштина треба да се фокусираат на разговорите за француско-германскиот предлог за Косово, како и за брзо формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

МАКЕДОНИЈА - Италијанската компанија побарала отштета од околу 8 милиони евра за раскинување на договорот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали кој појасни дека имаат документ со ова побарување, ама компанијата не одговорила на нивното барање за состанок.

МАКЕДОНИЈА - Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар за бездомните кучиња, најави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање, иако, како што дополни, се работи за проблем под ингеренции на локалните власти.

МАКЕДОНИЈА - Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска најави кривична пријава за загадување на воздухот кон „Цементарница УСЈЕ“, оттаму ги отфрлија како неосновани нејзините ставови. Сепак, најавија дека ќе ги имплементираат препораките на Државниот инспекторат за животна средина, од каде објавија за серизно надминување на испуст на азотни оксиди од Котларата за загревање на просториите. За ова, како што појаснија од Инспекторатот, казната изнесува 180.000-200.000 евра.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека сите капацитети за производство на електрична енергија во државата се во функција и работат, поради што нема да има рестрикции. Тој уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи цената нема да се зголемува.

ЕУ / КОСОВО - Комитетот на Европскиот парламент (ЛИБЕ) за граѓански слободи, правда и внатрешни работи го потврди договорот за визна либерализација за Косово.

АВГАНИСТАН - Терористичката група Исламска држава денеска ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад во кој загинаа десетина лица во близина на Министерството за надворешни работи во Кабул, главниот град на Авганистан.

ТУРЦИЈА - Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган поагресивно се пресметува неистомислениците и политичките противници пред изборите во Турција со цензура и затворски казни, објави денеска Хјуман рајтс воч.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена ја претстави програмата на Претседателството на Северна Македонија во 2023-та година. Во своето обраќање, министерот Османи се осврна врз предизвиците со кои ќе се соочи Северна Македонија за време на претседавањето со најголемата светска регионална безбедносна организација во 2023 година, имајќи ја притоа предвид длабоката, политичко-безбедносна и економска криза во која се наоѓа регионот на ОБСЕ.