Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Белград и Приштина треба да се фокусираат на разговорите за француско-германскиот предлог за Косово, како и за брзо формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.
Ова го соопштија од кабинетот на претседателот на Србија по нивната денешна средба во Белград.
Француско-германскиот, односно планот на Европската унија за подобрување на односите меѓу двете страни и постигнување целосна нормализација, кон крајот на летото беше доставен до властите во Приштина и Белград.
Видете и ова: Шоле: време е да се стави крај на дипломатската стагнација за нормализација меѓу Косово и СрбијаВо текстот на планот, до кој пристап имаше Радио Слободна Европа, се наведува дека партиите се свесни дека неповредливоста на границите, територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основните услови за мир. Исто така, планот предвидува признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница на Косово.
Вучиќ, како што се наведува во соопштението, изразил очекување дека САД „ќе го искористат своето несомнено влијание и ќе ја охрабрат Приштина да ги исполни своите обврски во согласност со прифатените и потпишаните договори, но и да го продолжи дијалогот во духот на чесна и отворена размена на предлози за решавање на конкретни предизвици“.
Шоле вчера ја посети и Приштина каде изјави и дека Косово и Србија „итно треба да се вклучат во дијалогот што го води Европската унија, која работи на сеопфатен договор за нормализирање на односите фокусиран на взаемно признавање“.
Неговата посета се случува неколку недели по тензиите на северот на Косово, кои резултираа со барикади од локалните Срби поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Во меѓувреме, на Пантиќ му беше одреден домашен притвор, а барикадите беа отстранети.