Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави кривична пријава за фабриката Цементарница ТИТАН УСЈЕ. Како причина за оваа иницијатива ги наведе високите концентрации на штетни честички кои биле измерени во амбиенталниот воздух во фабриката.
„Повеќе нема никој да биде толериран. Здравјето на сите нас којшто живееме тука не смее да зависи од профитот на неколкумина. Се работи за Цементарница УСЈЕ од каде при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честички кои значително придонесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје“, истакна Арсовска на денешната вонредна прес конференција.
Видете и ова: Токсичниот воздух зема 4000 животи годишно - граѓаните губат надежГрадоначалничката објасни дека на иницијатива на Град Скопје и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање било извршено мерење на испустот на гасови на Цементарницата. Мерењата биле извршени на 26 и на 27 декември минатата година и на 3 и 4 јануари годинава и во двата наврати се измерени огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.
„Имено, при последното мерење констатирано е драстично пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен“, изјави Арсовска.
Во декември се измерени трипати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаат во амбиенталниот воздух, а слични резултати се добиени и при мерењето во јануари. Станува збор за испуштање на трипати поголеми концентрации од дозволените на метар кубен на час.
Советниците на СДСМ веќе неколку дена бараат свикување на вонредна седница на која ќе се дискутира за препораки во борбата против загадениот воздух. Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески вчера изјави дека нема собрано доволен број потписи за свикување вонредна седница.