Команданти и дресови
МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија е витален партнер на Западен Балкан, преземајќи важна лидерска улога во обликувањето на безбедноста и стабилноста и во регионот и во цела Европа, во клучен момент, порачал советникот во Стејт Департментот Дерек Шоле на денешната средба со клучните владини лидери на нашата држава. Премиерот Димитар Ковачевски му подари македонски дрес на Шоле.
РУСИЈА - Руското Министерство за одбрана објави дека Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските сили, е назначен за нов командант на здружените сили во, како што Москва ја нарекува инвазијата на таа земја, специјална воена операција во Украина. Само неколку месеци претходно, Русија го назначи Сергеј Суровикин, наречен „Генерал Армагедон“ од руските медиуми поради неговата наводна немилосрдност, за врховен командант на бојното поле, откако серијата украински контраофанзиви го свртеа бранот на конфликтот.
ИРАН - Најмалку 30 ирански новинари остануваат во затвор поради поврзаност со протестите по смртта на Махса Амини, објави денеска Здружението на новинари во Техеран. Речиси четири месеци Иран е зафатен од демонстрации предизвикани од смртта во притвор на Амини, 22-годишна Иранка, откако беше уапсена од моралната полиција за наводно кршење на иранскиот кодекс на облекување на жените.
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Косово „нема начин“ да почне да ги казнува оние кои нема да ги пререгистрираат возилата од март.
„Тие немаат начин да го сторат тоа. Кога би можеле, би ги отстраниле барикадите. Тоа е тактика во која треба да бидеме среќни и да молчиме, додека некој станува членка на Обединетите нации“, изјави Вучиќ.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање дали Владата размислува да ја активира мерката за замрзнување на цените, рече дека се разгледуваат сите опции.
МАКЕДОНИЈА - Апелацискиот суд во Скопје неразумно долго, без да наведе причини, ги чувал предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ во кои обвинет е ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, но и случајот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, а пропусти има и во случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ. Ова се дел од заклучоците донесени на денешната седница на Судскиот совет по направената ревизија во Апелација
МАКЕДОНИЈА - Одбраната на осудениот поранешен прв цариник Драган Даравелски побара повторување на судската постапка по неговото вчерашно апсење на граничниот премин Табановце. Оваа информација ја потврди Основниот суд Скопје 1. Даравелски беше осуден со правосилна пресуда во мај 2007 година беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, која пресуда е потврдена и правосилна од Апелациониот суд Скопје од март 2008 година.
АВГАНИСТАН - Најмалку 20 лица загинаа, а десетици се ранети во самоубиствен напад во Кабул, јави Ројтерс. Устад Фаридун, функционер на талибанското Министерство за информации, наводно објавил дека бомбаш самоубиец се разнел пред Министерството за надворешни работи во главниот град на Авганистан.
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски по посетата на западниот регион за да разговара за одбраната на границата поради шпекулациите за потенцијалот за обнова на руската офанзива преку соседна Белорусија денеска изјави дека украинските одбранбени сили „мора да бидат подготвени и на границата и во регионите“.
САД - Сите домашни летови во Соединетите Држави беа прекинати до 14 часот поради дефект во компјутерскиот систем на Федералната управа за авијација, пренесоа американските медиуми. Американската федерална управа за авијација (ФАА) објави дека работи на поправка на системот што ги предупредува пилотите за потенцијални опасности на летовите, пренесе Би-Би-Си.