Герасимов-нов командант на заедничките сили на Русија во Украина

Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските сили

Руското Министерство за одбрана објави дека Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските сили, е назначен за нов командант на здружените сили во, како што Москва ја нарекува инвазијата на таа земја, специјална воена операција во Украина.

Само неколку месеци претходно, Русија го назначи Сергеј Суровикин, наречен „Генерал Армагедон“ од руските медиуми поради неговата наводна немилосрдност, за врховен командант на бојното поле, откако серијата украински контраофанзиви го свртеа бранот на конфликтот.

„Суровикин ќе остане заменик на Герасимов“, соопшти Министерството за одбрана.

Видете и ова: Украина вели дека „мора да биде подготвена“ на границата со Белорусија

Министерството соопшти дека промените се дизајнирани да ја зголемат ефикасноста на управувањето со воените операции во Украина, повеќе од 10 месеци по руската инвазија на земјата.

Герасимов, како и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, се соочи со остри критики од провоените воени блогери за повеќекратните неуспеси на бојното поле на Русија и неуспехот да обезбеди победа во инвазијата што Кремљ очекуваше дека ќе биде краткотрајна.

Руските и украинските сили се вклучени во интензивни борби околу градот Соледар во источна Украина, што, според Ројтерс, може да биде пресвртница во обидот на Москва да го заземе целиот регион Донбас. Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.