Најмалку 30 ирански новинари сѐ уште се во затвор

Иранската новинарка Нилуфар Хамеди која беше уапсена во протестите предизвикани од смртта на Макса Амини

Најмалку 30 ирански новинари остануваат во затвор поради поврзаност со протестите по смртта на Махса Амини, објави денеска Здружението на новинари во Техеран.

Речиси четири месеци Иран е зафатен од демонстрации предизвикани од смртта во притвор на Амини, 22-годишна Иранка, откако беше уапсена од моралната полиција за наводно кршење на иранскиот кодекс на облекување на жените.

Околу 70 новинари се приведени од средината на септември, пренесе агенцијата Франс прес.

„Некои се ослободени со кауција, додека „30 новинари приведени на испрашување се уште се во притвор“, соопшти Здружението на мрежата Телеграма, каде што беше објавен списокот на оние кои моментално се во затвор.

Видете и ова: Иран осуди уште тројца на смртна казна поради протестите

На списокот, меѓу другите, се и двајца ирански новинари, Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади, кои помогнаа да се разоткрие случајот Амини. Од почетокот на протестите, властите поканија голем број новинари на интервју, без дополнително објаснување. Последниот осуден е спортскиот новинар Ехсан Пирборнас, објави реформистичкиот весник Хамихан. Весникот објави дека тој мора да одлежи 10 години затвор од вкупно 18 години.

Кон крајот на октомври, повеќе од 300 ирански новинари и фоторепортери потпишаа изјава во која ги критикуваа властите дека „ги апселе колегите и им ги одземале нивните граѓански права по притворот“, објавија тогаш локалните медиуми.

Иранските власти соопштија дека стотици луѓе, вклучително и припадници на безбедносните сили, се убиени, а илјадници се уапсени за време на протестите, кои главно ги опишуваат како „немири“, јави АФП.