Основен суд Куманово: нема застареност за извршување на казната за Даравелски

илустрација

Извршувањето на изречената казна затвор за Драган Даравелски не застарува со оглед што Основниот суд Куманово по приемот на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Ова го објави надлежниот Основен суд Куманово за извршување на изречената казна затвор за Даравелски кој во мај 2007 година беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, која пресуда е потврдена и правосилна од Апелациониот суд Скопје од март 2008 година. Од Основниот суд во Куманово појаснуваат дека согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време, колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна. „Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на Судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“, потенцираат од Судот.

На Табановце приведен Драган Даравелски, поранешниот директор на Царина

Од Основниот кривичен суд Скопје за МИА информираа дека до нив не е доставено никакво известување или барање за повторување на постапката за Даравелски. Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски беше осуден во отсуство во 2007 година за „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ и тој се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Министерството за права повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.