Бајден: Не сум запознаен со содржината на доверливите документи од мојата поранешна канцеларија

Американскиот претседател Џо Бајден се сретна со неговиот мексикански колега Андрес Мануел Лопез Обрадор, Мексико Сити, 9 јануари 2023 година.

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џозеф Бајден изјави дека не бил запознаен со содржината на доверливите документи од времето кога тој бил потпретседател, пронајдени во една од канцелариите што ги користел во меѓувреме. „Бев информиран за откритието и бев изненаден кога дознав дека владините документи биле однесени во оваа канцеларија. Но, не знам што има во документите“, им рече американскиот претседател на новинарите на прес-конференција по средбата со мексиканскиот претседател и канадскиот премиер во Мексико Сити. Бајден додаде дека неговите адвокати „целосно ќе соработуваат“ во врска со досиејата.

Пронајдени доверливи документи во поранешната канцеларија на Бајден

Белата куќа вчера објави дека американското Министерство за правда ги истражува можните доверливи документи пронајдени во поранешните канцеларии на американскиот претседател во институтот каде што работел во Вашингтон. Специјалниот советник на претседателот Ричард Заубер рече дека „мал број доверливи документи“ биле откриени додека адвокатите на Бајден ги празнеле канцелариите на Центарот Пен Бајден. Бајден имаше канцеларија во центарот од кога ја напушти потпретседателската функција во 2017 година до започнувањето на неговата претседателска кампања во 2019 година.