„На здравје. Нека биде добра година за Албанците каде и да се“, напиша албанскиот премиер Еди Рама вечерва на својот профил на Фејсбук, објавувајќи фотографија од средбата со лидерите на албанските партии во Македонија. На фотографијата од средбата во Тирана, Рама им наздравува на своите гости.
Албанските медиуми јавуваат дека тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.
Македонија и Албанија во пакет на 19 јули 2022 започнаа преговори за влез во Европската унија, но македонското Собрание треба да донесе уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавја во преговорите со ЕУ.
На средбата учествуваат Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса.
ДУИ, Алтернатива и ДПА се дел од владејачката коалиција. Власта водеше разговори и со Алијансата за Албанците за влез во Влада, но засега од тоа нема ништо, додека Беса беше дел од власта, но ја напушти коалицијата.