Украински војници на обука за „Патриот“ во САД

УКРАИНА - Војниците товарат оружје во хеликоптер во украинска воена воздухопловна база блиску до линијата на фронтот во регионот Херсон, 8 јануари 2023 година

Околу 100 украински војници наредната недела ќе заминат во американската воена база Форт Сил во Оклахома, каде што ќе ја започнат обуката за ракетниот одбранбен систем Патриот.

Украина со месеци бара од Соединетите Американски Држави (САД) да ѝ го обезбедат противвоздушниот систем за заштита од постојаните руски напади, затоа што со него може да се гаѓаат авиони, крстаречки ракети и балистички ракети со краток дострел.

За време на посетата на Вашингтон во декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека системот Патриот ќе направи значајна разлика во зајакнувањето на одбраната на Киев од руската инвазија.

Видете и ова: Дали системот Патриот може да го промени текот на војната во Украина?


Бројот на Украинци кои доаѓаат на обука се од прилика доволни за оперирање со една батерија. Тие ќе се обучуваат за користење и за одржување на системот, изјави денеска портпаролот на Пентагон, воздухопловниот генерал Пет Рајдер.

Одлуката на Киев да повлече војници од бојното поле и да ги прати на обука преку Атлантикот е невообичаена, иако веќе испраќаше војници на кратки обуки во европските бази за други посложени системи што ги доби, како што е Артилерискиот ракетен систем со висока мобилност (ХИМАРС).

Обуката за системот ХИМАРС обично трае неколку месеци, но Рајдер рече дека тренингот ќе биде скратен за војниците побрзо да може да се вратат на бојното поле.

Базата Форт Сил е избрана затоа што таму веќе има центри за обука за системот Патриот.

САД во декември ветија една батерија Патриот, како дел од неколкуте големи пакети воена помош за Украина. Минатата недела и Германија вети една батерија Патриот.

Секоја батерија се состои од систем за лансирање монтиран на камион со осум фрлачи, радар, контролна станица и генератор.