Летото 2022 година било најтопло во Европа досега. Измината година, пак, е втората најжешка година досега, пишува Ројтер повикувајќи се на научниците од Европската унија.
Европа го доживеа вториот најтопол јуни досега со околу 1,6 степени Целзиусови над просекот и најтоплиот октомври, со температури речиси два Целзиусови степени над просекот.
Климатските промени доведоа до екстремни временски услови кои го намалија приносот на земјоделските култури, ги исушија реките и доведоа до илјадници смртни случаи, пишува Ројтерс.
Службата на ЕУ за климатски промени „Коперник“ вели дека 2022 година била петта најтопла година на земјата. Коперник ги мери податоците од 1950 година, а други извори потврдуваат дека минатата година била најтопла од најмалку 1850 година.
Последните осум години беа осумте најтопли во светот, велат од Коперник. Тие исто така додаваат дека планетата сега е за 1,2 степени Целзиусови потопла отколку во прединдустриската ера како резултат на климатските промени предизвикани од човекот.
Во последните три децении, температурите во Европа се зголемија повеќе од двапати од глобалниот просек.
„Веќе ги доживуваме разорните ефекти од нашето глобално затоплување“, рече заменик директорот на „Коперник“, Саманта Бурџис. Таа повика на итни активности за намалување на емисиите на CO2 и ублажување на климатските промени.
Минатото лето беше најжешкото во Европа досега, соборувајќи ги температурните рекорди во земјите како Италија, Шпанија и Хрватска. Силните топлотни бранови предизвикаа повеќе од 20.000 смртни случаи во земји како Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија.
Во комбинација со недостигот на дожд, жештините предизвикаа суша, која според првичните анализи, е најлоша во Европа во последните 500 години.