Американскиот дипломат Шоле утре во Скопје на средба со Ковачевски

Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле

Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле утре ќе престојува во Скопје. Предвидено е тој да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, со кого ќе разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Делегацијата што ја предводи Шоле ќе биде пречекана пред платото на Владата.
Целта на посетата на Шоле на Западен Балкан, како што претходно соопшти Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.

Неговата посета на земјава е во рамки на балканската турнеја, за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.

Шоле требаше да ја посети Македонија во декември, но таа посета беше откажана бидејќи, како што беше соопштено, американскиот дипломат бил заразен со коронавирусот.

Видете и ова: Агелер: Справувањето со корупцијата останува приоритет за Вашингтон

На 9 јануари на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер посочи дека советникот Шоле со неговата посета ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД за Северна Македонија.

„Со Шоле ќе се дискутираат заедничките приоритети, а борба со корупцијата ќе остане приоритетот за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на неговата посета оваа недела. Оваа, 2023 ќе биде една многу интензивна година за вас, а тој ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД на секој можен начин“, рече Агелер во одговор на новинарско прашање.