Рускиот претседател Владимир Путин е последниот во низата кој се закити со орденот на ентитетот Република Српска (РС). Досега, ваков орден во вид на ѓердан, добиле сите претседатели на Србија, патријарсите на СПЦ и пет лица кои се осудени од Хашкиот трибунал за геноцид и други воени злосторства извршени во војната во Босна и Херцеговина и Хрватска.
Според претседателот на Република Српска, Милорад Додик, Путин и тој „редовно разговараат по телефон“. Последната средба во живо тие ја имаа во септември 2022 година во Кремљ. Додик планира да му го врачи на Путин орденот во прва прилика.
Западните земји и Украина го осудија ова, инаку највисока одликување на ентитетот Република Српска.
Во Република Српска од 1994 година до денес се доделени неколку стотици ордени, медали и други признанија, од кои повеќе од 170 се наградени со највисоки почести.
На 9 јануари, Путин стана последниот во низата руски функционери на кои им беа доделени ордени од РС.
Во 2018 година, Додик му го додели Орденот на РС на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „за неговата работа и извонредните заслуги во развојот и зајакнувањето на свеста на српскиот народ во борбата за слобода и независност, како и за исклучително значаен придонес во зајакнување на политичките и пријателските односи меѓу РС и Русија“.
Но не доделува само Додик ордени. Тој од руска страна е одликуван со неколку ордени, меѓу кои и од поранешниот претседател на Русија Дмитри Медведев.