Продолжен зимскиот распуст за учениците

Празна училница во Скопје

Второто полугодие од школската година наместо на 18 јануари ќе започне на 23 јануари, одлучи Владата на денешната седница.

На седницата се одлучувало по предлог на Министерството за образование и наука да се продолжи зимскиот распуст. Ваквата одлука е донесена за да се заштеди на греење и за да заштити здравјето на децата.

Во изминатиот период грипот и сезонските настинки ги полнат детските болници и амбуланти.

Училиштата, пак, од 1 декември користат поевтина струја, откако со владина одлука се вратија на регулиран пазар на струја. Но од вкупно 474 јавни основни и средни училишта, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку ЕСМ Продажба се пријавиле 309 училишта, а третина од училиштата или воопшто не аплицирале, или имале нецелосна апликација.

Видете и ова: Неспособност, политика или документација- третина училишта без поевтина струја


„Второто полугодие ќе започне на 23 јануари (понеделник) со физичко присуство за сите ученици“, соопшти владината прес-служба.

Распустот на учениците започна со стартот на новата година и требаше да трае до 18 јануари(среда). Четвртокот (19 јанари) е државен празник во Македонија и е неработен ден, па учениците го добиваат само петокот како ден плус од распуст.